Feed on
Posts
comments

Пепелашка

Пеколот на Данте ќе имаше сосема поинаква содржина, ако тој, бар една вечер поминеше во моите чевли. Во буквална смисла.
Сите жени го имаат тој пар. Совршени чевли, кои најчесто само фаќаат прашина во плакарот. Купени на распродажба, од некоја зборлеста продавачка која те натерала да ги пробаш. А чим ги пробаш, печена си. Иако одиш ко рахитична, и болката е отприлика иста ко да газиш на лего коцки, знаеш дека тие се тие- штиклите на кои би паднало секое машко.
Во себе пцуев се, од зборлестата продавачка, до огледалото во ходникот пред кое одлучив дека денес е тој ден- денот во кој моите штикли ќе видат бел ден.
И се само за него.
Најверојатно никогаш нема да разбере колку се тешки тие 5 минути што касни, а што го чекам на нозе, ниту пак ќе разбере зашто ми потекоа 2-3 солзички додека ме тераше да “прошетаме” низ чаршија… калдрма, па тоа ни самиот Марфи неможеше да го предвиди.
Не сфаќа сигурно колку е тешко да одржиш баланс на полу-смрзнат мермер. А јас кутрата, ко акробат на јаже, наместо романтично да го гушнам, му се обесив ко штипка околу рамото.
Е полошо неможе да биде. Со тек на време, ко анестетик делуваше ладново, па прекинав од глуждови надоле да чусвствувам било што. Стиснав заби, и мушки и се посветив на мојата женственост. Раце во коса, поглед низ трепки и слични ствари.
Дали од неговите комплименти или од греалките, после пола саат на топло почна пак да ми струи крв низ нозете. Она што го замислував за тивка романтична вечер, се претвори во луда журка преполна со малолетници. Се сместивме на маса за двајца, мада се ми се чини дека во денешно време, масиве за двајца ги прават според кинески стандарди. Још боље, нема везе, поблиску сме еден до друг.
Дискретно си ги соблеков штиклите под маса, и се навалив накај него. Сите романтичари може гомна да јадат, овој одлично си го научил занаетот. За 15 минути се изгубив во земјата на чудата, ги имав сите ѕвезди на рака,бев прилично блиску да почнам и да му јадам од рака… кога ни дојде на маса другар ми Марфи. Овој пат маскиран како келнер.
Ни сервира на маса две кригли, кои иако грч ладни, требаше да го скршат мразот. Ни ги собра парите, ни се насмеа задоволен од бакшишот и истрча назад во гужвата да ги служи малолетниците. Успат собирајки една од моите чевлички.
Мајсторски ја дриблаше се до центарот на кафичот. На крај, очигледно без кондиција, ја згази 2-3 пати (исто ко душава да ми ја згази), се сопна на неа, и преврте полн ајнцер пијачки. Љуто се наведна, ја грабна во раце, и прашално се сврте накај нас.
За прв пат таа вечер, се заблагодарив на господ што е зима. Под капата го скрив погледот, и се помолив на чудо. Нешто као временска дупка, низ која би пропаднала и би влегла во некој паралелен универзум, кај што сите чевли се удобни, и не постои калдрма.
Некој сепак изгледа ги слушнал моите молитви.
Според звуците заклучив дека сеуште сум тука, а кога се осмелив да го откријам лицето, ме дочека маж, клекнат на колена.
Млада сум за мажење мајке ми, ама готова бев да речам да на тој поглед. Кога видиш, не било тоа предлог за брак.
Тоа да ти било Пепелашка момент.
А јас, со тешки напори, го бутнав моето 39 стапало во вистинската чевличка. И го добив принцот.
Вредеа чевлите за сите пари. Во право беше зборлестата продавачка. Ми рече: со овие чевли, секој маж ќе падне на гз. Овој мојов, мушки издржа до крај, и не падна на гз.
Ама падна на мене.
Би рекла дека тоа е доволно…

Ве-це

Знаеш дека си заљубен до коска во моментот кога веќе не ти смета кренатата даска на ве-це шољата.
Знаеш дека си почнал да живееш со некого кога ќе почнете по пола да плаќате за ве-це харија.
Сексот е добар, кога оние петнаесет минути во туш-кабината, додека чекаш да се отстои регенераторот за коса,ги користиш продуктивно, и ти се најдобриот дел од туширањето.
Кога ќе прдне за прв пат пред тебе, тоа е знак дека ти верува и се чувствува максимално опуштено во твое друштво.
Кога ќе почне да се тушира поредовно, време е да се загрижиш.
Ако го зачести и бричењето под мишки, ондак е алармантна ситуација.
Во моментот кога ќе си купи нова машинка за бричење, знаеш дека си го изгубила за некоја која си ги депилира нозете почесто од тебе.
Па почнуваш да плачеш под туш, да се лажеш себе си дека не плачеш туку тоа е само вода.
Па почнуваш да плачеш скришно на ве-це шољата, да ги лажеш другите дека не плачеш туку те фатило серка.
На крај, почнуваш да плачеш и надвор од ве-цето, па надвор и од дома.. Радиусот на кружницата, со центар во ве-цето на твојот дом,во која си спремна да се расплачеш, е правопропорционален на должината на врската.
Ве-цето сепак останува центар на главните дешавки. Во него сеуште плачеш по туш, на шоља, додека миеш заби, додека лежиш на плочки пијана, додека повраќаш во шоља…
Со тек на време почнува да поминува. Прв знак за тоа е кога почнуваш да плачеш и да повраќаш во туѓи ве-циња. Ако почнеш да плачеш додека се тушираш во туѓи ве-циња, си ја утнала работата. Сексот за една ноќ само ги влошува работите.
Кога ќе почнеш да плачеш во ве-цињата во дискотеките или кафичите, ондак си на пола пат. Тука може да си најдеш и другарчиња со иста судбина, па заедно да плачете.
Евентуално, на крај ќе сфатиш дека он е само обично гомно па ќе го пуштиш низ канализација.
За сигурно ќе знаеш дека си го преболела, кога место да плачеш, ве-цињата ќе почнеш да ги користиш за поправање на шминката. Е тука се мењаат работите.
Место петнаесет, го скратуваш времето за држење на регенератор на косата на пет минути. Во ве-це почнуваш да одиш само кога стварно ти се оди, и наместо со размачкана, излегуваш со перфектна шминка, да не речам ала фотошоп шминка.
Во моментот кога ќе сфатиш дека те боли бешиката затоа што се воздржуваш да не мочаш, значи дека ти годи друштвото, и си нашла некој нов тип, со кој заедно ќе формирате нови ве-це моменти.
Со тек на време, ќе сфатиш дека поголемиот живот го поминуваш во ве-це, и таму се дешаваат сите битни ствари.
Не за друго, туку затоа што цел живот налетуваш само на серковци.

Болка

Кога имав три години, се лизнав на крушка во дворот и паднав право на глава. Комшиите излегоа потресени од ударот, во тоа време сите беа спремни за војна па звукот што мојата глава го произведе соочувајки се со бетонот ги потсети на вооружен напад. Јас… па јас преживеав без никакви последици.
Од три до шест години, успеав да паднав од секое дрво во мојата улица. Имав огромна рана на колената која година дена не успеа да зарасне. До ден денеска носам лузни… ама преживеав и тоа.
После тоа станав маалски Робин Худ. Се тепав со сите насилници што ги закачаа послабите, што крадеа ужинки на голем одмор или напаѓаа случајни минувачи со снежни топки. Боже мој, колку ќотек јадев само јас си знам…
Во четврто одделение конечно и се ослободив од насилникот-татко, кој психички и физички ме малтретираше до тогаш… ама преживеав, и зачудувачки, не влечам со себе до ден денес некои страшни “деди ишјус”
На тринаесет години се заљубив, и ми го здробија срцето на сто парчиња.
На четрнаесет, си ја пресеков со конзерва раката и шприцаше крв на сите страни.
На шестнаесет си го набодев стомакот на еден шилец од ограда додека ја прескокнував.
На осумнаесет ме згазнаа со штикла на ногата и ми скршија некое костче.
Ама преживеав…
На дваесет се возев пијана во комбе без седишта, па на едно нагло кочење си напукнав неколку ребра.
А пред некој месец, ме болеше и забот толку многу што цела ноќ си ги заривав забите во колена за да ја распределам болката…
Исто така, имам преживеано и безброј мигрени, менструални болки, губење невиност и околу 145340398 закачувања на малото прсте на ногата од остри ивици… можда затоа и веќе не ми расте нокт на него.
На ушите имам околу десетина дупки за обетки од тинејџерските моменти, на раката белег- си ја залепив за плинска боца, а преживеав и кога ми растеа осмиците.
Сум преживеала и милион лажни другарства, неправди, инфекции на очите, на бубрезите, а еднаш неможев ни да се исправам од кичмата… заспав на промаја.
И јбг, гледано наназад, сето ова болело прилично многу.
А да се собере целата болка заедно, не е ни приближно на она што го осеќам сеа….

Секс

Невиност изгубив во прво одделение, со еден Нено. Бев мала, и болеше многу. Тој беше опасен дечко, и упорно тврдам дека возраста нема никаква врска- тој точно знаеше што прави.
Се’ се случи на третиот час, еден вторник. Ми подметна една од неговите книги, и излажа дека сум му ја украла. Е тогаш драги мои, се чувствував за прв пат заебано.
После тоа, ми глумеше мртов-ладен, а јас плачев дома секој ден. Сите ме викаа К…радла.
Ми збореа дека, со тек на време ќе се навикнам, и во иднина нема толку да боли. Врска нема.
Вториот пат ми беше со учителката од основно што ме лажеше дека ги праќа моите состави на конкурси. Уствари не лажеше, ги праќаше, ама под име на ќерка и. Бев прилично сексуално активна во тој период, ме ебеше у здрав мозок можда едно 3 години.
Тогаш официјално раскинав со мудрите изреки од типот на: “Времето лечи се” и “Кој постојано се сопнува на ист камен заслужува да си ја скрши ногата” и се сконцентрирав на “Еби за да не те ебат”. После третиот пат, ми дојде малку памет, созреав, и решив од пасив, да преминам во актив.
Сепак, не останав многу во таа положба, неможев да го најдам задоволството. Не ми одговараше, некако ми тежеше, а и многу енергија бараше. Несвесно, си се свртев после некое време, пак си оставив другите да ја вршат работата, а јас да офкам и да се жалам.
Таква лесна на памет, секакви ме поминаа: шалтери на банка, охридски таксисти, другарки и другари, некогаш дури и парови. Еден човек секогаш ќе го памтам, оној што ме издаде у средно дека ги украдов тестовите по математика… Е тогаш го јадев опасно! Најверојатно тоа беше моето прво орално искуство.
Долго време се чудев на моиве другарки што се жалат дека било суша. Аман бе, па јас и до продавница да отидам, ќе се најде некој да ме заебе поштено, ако ништо друго, за 2 денари ќе ме исече. А они па, уште се жалат…
Ги имаше секакви и премачкани со сите бои… имаше и такви што ненамерно, онака успат, поминувајки ме приметиле и виделе добра овца за стрижење.
Морав некако да ставам крај, од толку секс што ми мавнаа луѓево, немав веќе сила за да станам за на факултет.
Па денеска, подавајки ми ја сметката (нормално, рачна изработка) на која стоеше дупла цена од онаа која требаше да ја платам за пицата што ја изедов, ми пукна филм, па станав, лупнав со раката и гласно му викнав на келнерот: Само да знаеш! Не си ми ни втори, ни дваести!! Уствари, одамна прекинав и да ги бројам! А и не беше ништо посебно, сум имала и многу пострашни од тебе!!
А после тоа станав, му остаив бакшиш, и гневно си отидов! Ете така да си знае!!

Роденденски

Да беше ова уште една обична истрошена година, ќе одев со стандардното:” Што научив во изминатава година”. Ама не е, ова е посебна година, па затоа идеме вака:
За што сум благодарна оваа година:
1. Благодарна сум што имав храброст кукавички да избегам, да барам нешто ново. Да не беше тоа, немаше ни да постои постов за благодарност.
2. Благодарна сум што запознав бедни, дволични луѓе, и што дозволив истите да ми се приближат. Велам благодарна, затоа што ме научија да ги ценам оние искрените, оние што вистински вредат.
3. Благодарна сум што не го најдов тоа што го барав, туку тоа што ми треба.
4. Благодарна сум што сум од Скопје. Да бев од Африка, најверојатно ќе бев благодарна и на тоа. Но од тука сум, и никаде на светот не ми е поубаво од тука.
5. Минатата година, заклучив дека е лошо да си несреќно заљубен, но уште полошо е да бидеш само несреќен. Оваа, благодарна сум што научив дека е убаво да си среќно заљубен, но уште поубаво е да си само среќен.
6. Благодарна сум што немам баш се’, а сепак, имам многу повеќе од другите кои имаат баш се’.
7. И на крај, највеќе од се, благодарна сум што се научив да бидам благодарна.

Секоја година сум се по себична, нема торта, нема ни песна оваа. Не се жалете многу, многу, зошто и онака ни вие немавте поклони ;)
П.С. ако сакате и на вас да ви бидам благодарна, нахранете некое куче или маче на улица. Не е ова лажен обид за хуманост. Ова е чисто себична ствар. Ги сакам животните повеќе од луѓето, и ме боли кога ги гледам гладни. А болката не е пријатно чувство…
Нека ми е среќен, и уште многу да живеам (да си посакам сама, во случај никој да не ми посака) за да можам секоја нова година да замарам со вакви постови ;)
Ај сеа отидов да учам, за роденден не поклонувале оценки…

Older Posts »